Како настанал шахот?

 знаете ли дека според некои докази, игра слична на шахот се играла уште пред 5000 години? Шахот е спортска стратешка игра за двајца играчи. Се нарекува уште и “Кралска игра” и веројатно е една од најстарите игри за кои се знае дека постоеле.

Познато е дека името на играта потекнува од персискиот збор шах, што во превод би значело “крал”, “владетел”. Изразот шах-мат исто така води потекло од персискиот јазик и во буквален превод значи “кралот е мртов”. Меѓутоа, дали баш Персијците го измислиле шахот, тоа никој со сигурност не го знае.

Всушност пронаоѓањето на шахот е припишувано во различни времиња на различни народи. Грците, Римјаните, Вавилонците, Египќаните, Евреите, Персијците, Кинезите, Хиндусите, Арапите, сите тие во одреден временски период биле поврзувани со настанувањето на оваа игра. Според една теорија, се смета дека шахот се родил меѓу будистите во Индија. Согласно будистичките сваќања, војната и убивањето на ближните, без оглед на целта поради која тоа се прави, претставуваат злочин. Затоа бил измислен шахот, како своевидна замена за војувањето.

Во археолошки ископувања во Узбекистан пак, биле пронајдени две фигури изработени од слонова коска, идентификувани како шаховски фигури, кои датираат од времето на владеењето на царот Хувишке (II век). Во новиот век била создадена легендата, според која шаховската игра се припишува на грчкиот јунак Паламед. Легендата вели дека тој ја измислил играта за време на Тројанската војна, за да ја разбие досадата во текот на десетгодишната опсада.

Сепак, повеќе компетентни личности се согласуваат дека шахот најверојатно води потекло од Индија, од пред околу 2000 години, од каде се проширил во Персија, Арапските држави, а потоа и во Европа.

Што се однесува до шаховските фигури, тие претрпеле бројни измени во долгата историја на оваа игра. Во некои времиња било можно и кралот да се “кутне”, што во денешниот шах е незамисливо. Рокадата како потег е понова замисла, имплементирана во играта пред околу 400 години. Со исклучок на кралот и кралицата, фигурите ги симболизирале четирите реда на војската: пешадија, коњаница, слонови и бојни коли. Со текот на времето, ваквата симболика при преводите на разни јазици се изгубила.

Историјата на кралицата, одн. дамата е веројатно најзанимлива. Некогаш оваа фигура била нарекувана со имиња кои значеле министер, генерал, канцелар, или везир. Денес, ако во играта ја изгубите кралицата, се смета дека сте останале без најјаката фигура. Меѓутоа во дамнешните времиња, кралицата можела да преминува само по едно поле дијагонално, па затоа и била најслабата фигура на шаховската табла. Дури пред 500 години ја стекнала својата сегашна моќ.

Пионот уште се нарекувал и пешак, селанец или војник. Индиската фигура која го симболизирала слонот, некаде се нарекувала тркач, некаде бискуп (поради сличноста на формата со бискупската капа), а кај нас се користи терминот ловец, или лауфер. Борната кола, чиј стар назив бил кула, а се однесувал на дрвената кула која се користела при опсадите, веројатно како резултат на промените во техниката на војувањето е заменета со топ. Коњаник, витез и скокач биле имињата кои се користеле за шахофската фигура денес едноставно наречена коњ.

Comments